На Европско сепак со стариот препознатлив дрес? ФФМ со фото порака: Фудбал се игра за фановите!

„Фудбал се игра за фановите!“ – ваква порака осамна на кавер фотографијата на официјалната Фејсбук страна на Фудбалската федерација на Македонија, поставена лично од директорот на ФФМ – Муамед Сејдини.

А фановите на фудбалот, како и на Македонија (меѓу нив и капитенот Горан Пандев) изминативе два дена недвосмислено кажаа што мислат за новите репрезентативни дресови со кои нашите репрезентативци требаше да настапат на Европското во фудбал. Велиме „требаше“, затоа што по сѐ изгледа дека она што го најави Сејдини е враќање на препознатливите дресови со кои и стигнавме до ЕП.

Имено, заедно со пораката дека „Фудбал се игра за фановите“, на фотографијата е и досегашниот дрес на репрезентацијата, чие враќање граѓаните го бараа преку онлајн петиции и бескрупулозни критики на друштвените профили на ФФМ.

Со оглед дека ќе беше огромна штета да се фрли било каква трајна дамка врз првиот наш настап на ЕП во фудбал, многумина во коментарите го пофалија Сејдини за доблеста да признае грешка и брзо да реагира да ја поправи.

- Реклама -