На настан со ограничен број гости – претставници на автомобилската индустрија во земјава, организиран во согласност со сите мерки и препораки против ширење на коронавирусот, синоќа во „Рагуза 360“, два месеци откако заврши изборот и гласањето, свечено им беа доделени наградите на победниците во Националниот Избор за Најпосакуван Автомобил – Златно Тркало 2021.
Изборот се одвива втора година по ред, а настанот е во организација на Авто Плус, Carclub, Cars by Vik и RPM. Домаќин/водител на истиот беше популарниот македонски актер – Сашко Коцев.
На настанот говореше и главниот уредник на Авто Плус – Виктор Кошевалиски, кој е и главен иницијатор на овој Избор и настан. Тој испрати апел за промоција на новите и еколошки возила кај нас и за добивање на неопходната поддршка – субвенции од државата, како што е случај и секаде во светот, а со цел подобра животна средина и поголема безбедност во сообраќајот.
Наградите ги подигнаа претставниците на официјалните импортери и застапници на брендовите кои победија на второто поред издание на Националниот Избор за Најпосакуван Автомобил во Македонија.
Гласањето, инаку, се одвиваше од 1 до 14 март, а се избираше меѓу 12 автомобили во четири различни категории. Пласирани беа повеќе од 70 објави (текст, видеа, емисии, тестови, вести…) и имаше над 250 објави на социјалните мрежи. Сето ова произведе повеќе од 1.5 милиони импресии и повеќе од 100.000 прегледи на сите објави. На крајот, 15.5 илјади уникатни гласови беа поделени во четири категории од кои произлегоа победниците.
Во категоријата Најпосакуван Градски автомобил триумфираше Peugeot 2008 со 36 проценти од вкупно 3.950 гласови. За Најпосакуван Семеен автомобил е избран Škoda Octavia со 54 проценти од вкупно 3.620 гласови. Категоријата Најпосакуван Електрифициран автомобил собра 3.500 гласови, а триумфираше Peugeot e-208 со 46 проценти од гласовите. На крајот, Главната награда за Најпосакуван автомобил во нашата земја замина кај Škoda Octavia со 22% од вкупно 4.260 гласови.
Оние кои го пропуштија настанот во живо, можат да го погледнат на YouTube. Освен тоа, можете да ја погледнете и фотогалеријата (77 фотографии) од настанот, ТУКА.