Џамбаски ѝ се закани и на Србија: Со говор на омраза кон Бугарија нема пат кон ЕУ

Српски политичари и јавни личности продолжуваат да поттикнуваат омраза кон Бугарија, обвинува бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД – Ангел Џамбаски.

Повод за ова е интервјуто на директорот на српската Академија за национална безбедност – професор Драган Симеуновиќ, од 2 февруари, за кое Бугарија упати и протестна нота до Србија.

Во интервјуто, пишува Џамбаски, Бугарите се претставени како ѕверови и садисти.

„Бугарите се познати по злосторствата што ги правеа каде и да одеа. Германците убиваа, а Бугарите се изживуваа. Тие дури имаа одред за силување. Семејството на мојот прадедо, бремена жена, чие дете беше извадено од матката, заедно со уште четири други деца, беа живи запалени. Убиваа и свештеници и учители, воведоа и бугарска настава“, изјави тогаш Симеуновиќ, во емисијата „Српски свет“ на ТВ „Национална“.

Според Џамбаски, тоа воопшто не соодветствува со она што навистина се случувало.

„Според зборовите на Симеуновиќ, Бугарите не само што убивале, туку и ги измачувале своите жртви и наметнувале ‘бугаризација’. Тоа воопшто не соодветствува со историската вистина, дури напротив, има мноштво сведоштва за српската армија и српските банди во Западните покраини и Македонија. Дури, неодамна, официјалната српска власт конфискува помен плоча на Бугарите убиени во Босилеград и регионот во време на Првата светска војна. На тоа претходеше изјавата на претседателот на српскиот парламент Ивица Дачиќ, кој ја обвини Бугарија за ‘фашистички злосторства’, што исто така не одговара на историската вистина“, пишува Џамбаски.

За ваквите „недопустливи, грозни и лажливи манипулации“, европратеникот побарал реакција од Европската комисија.

„Ја прашав Комисијата дали ќе побара објаснување од Република Србија зошто се прават обиди преку вакви изјави и сугестии да се демонизира Бугарија и да се дестаблизира регионот. И какви дејствија ќе преземе против сѐ почестите изјави кои поттикнуваат омраза кон Бугарија.

Добив одговор кој заслужува внимание од властите во Белград и од српската јавност, кои конечно треба да сфатат дека болшевичките потфати и маневри не поминуваат во ЕУ, а патот натаму минува низ отстранување на секаков говор на омразата, независно кон која држава е насочен“, вели Џамбаски, па го пренесува одговорот од ЕК.

„Комисијата очекува сите партнери во регионот да продолжат да градат конструктивни односи на соработка и да работат на сопствените соодветни реформски програми, за да постигнат напредок по патот на интеграцијата во ЕУ. Политичките лидери во регионот треба да дадат пример за поттикнување на атмосфера на взаемна доверба, промовирање на добрососедските односи и регионалната соработка и принципите и вредностите на кои опстојува ЕУ. Комисијата ќе продолжи да работи со сите партнери во регионот на нивните соодветни патишта кон ЕУ и кон поблиска и поефикасна регионална соработка. Комисијата внимателно ја следи целокупната состојба во однос на принципите на правната држава во Србија во рамки на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

Поконкретно, во рамките на преговорите за Поглавјето 23 ‘Судството и основните права’, Србија е должна да го спроведува своето законодавство во однос на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, како и својот Акционен план за спроведување на правата на националните малцинства во неговата целост, придонесувајќи за ефективно и еднакво спроведување на препораките на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства на целата територија на државата. Согласно ова поглавје, од Србија исто така се бара да преземе мерки насочени кон зголемување на толеранцијата меѓу граѓаните, вклучително и преку обука и подигање на свеста во однос на борбата против злосторствата од омраза и обезбедување ефикасна истрага на случаите. Комисијата ќе продолжи да ги следи и известува за случувањата во оваа област и да учествува во политички дијалог со српските власти“, велат од ЕК.

„Се надевам дека власта во Република Србија ќе се замисли и ќе ја преориентира својата политика кон Бугарија“, предупреди Џамбаски.

- Реклама -