Интересен случај од аферата „Двојник“: На маж му издале пасош со идентитет на жена од Албанија

Освен што на меѓународни криминалци им издавале пасоши со идентите на македонски државјани, службениците во МВР осудени во „Двојник“ издале и пасош со погрешен пол. Овој случај, според „Телма“, е еден од најконтроверзните меѓу докажаните злоупотреби во случајот „Двојник“.

Имено, тројцата првообвинети (кои веќе признаа вина) му издале пасош на маж, но со податоци зад кои стои жена од Албанија со македонско државјанство, по име Ѓорѓие Коруни. Според „Телма“, осудените веројатно погрешно заклучиле дека се работи за машко име, па го искористиле тој идентитет за да го издадат пасошот.

Меѓутоа, тие можеби наседнале и на матичниот број, во кој  десеттата цифра е „0“, а водени по логиката дека оваа цифра секогаш го означува полот (за жени е „5“, како што знаете). Според „Телма“, тоа, освен што значи дека првата грешка е направена уште кога жената од Албанија го добила матичниот број, алудира и дека службеникот во матично воопшто не ја видел Ѓорѓие, туку работел „на слепо“, по логика.

Во секој случај, второобвинетиот Фарук Буќи, без никаква пријава, на 13-ти април 2018-та сликал маж, својот клиент, кому му бил издаден пасошот. Четири дена подоцона го одобрила контролорката Оливера Софрониевска, а пасошот го подигнал првообвинетиот Дениз Барути, кој тогаш воопшто не бил на соодветното ртаботно место, туку бил распореден како курир. Прилогот на „Телма“ ТУКА.

- Реклама -