… Со надеж дека и нашата реакција ќе наиде на разбирање и согласност, еве аргументи зошто овие и КОИ БИЛО други зборови НЕ треба да бидат повлечени.
РЕЧНИК НЕ Е СПИСОК НА „ДОЗВОЛЕНИ“ ЗБОРОВИ
Функција на речникот е да претставува ресурс на зборови и нивни значења во соодветниот јазик. Под „зборови“ се мисли на СИТЕ зборови, а не такви кои се бирани согласно нивната подобност, од страна на лингвистичка морална полиција. Доколку оваа дигитална верзија на македонскиот речник одлучи да се самоцензурира, тогаш таа, и сите идни изданија кои ќе го следат нејзиниот терк, ќе треба да си го променат името во – „Политички коректен речник на македонскиот јазик“. Така корисниците барем нема да се доведуваат во заблуда дека зборови за некои појави не постојат, туку реално ќе се акцентира идеолошката функција на изданието, како филтер низ кој не смеат да се протнат такви кои се „лоши“. Вакви речници на англискиот постојат, но се јасно означени како сатирични.
РЕЧНИКОТ Е ПОСЛЕДИЦА, НЕ ПРИЧИНА
Бришењето на збор од речникот сигурно нема да го искорени од секојдневна употреба. Работата е сосема обратна – зборовите влегуваат (или не) во речник поради нивно континуирано присуство во секојдневниот говор, книжевноста, медиумите. Ова го разбрал дури и Институтот за македонски јазик – издавач на Толковниот речник – и позитивно изненадил со опција „Предложи збор“ на сајтот на истиот. Ако некои зборови се деградирачки и дискриминирачки за поединци или групи, за тоа речникот не е ништо виновен. Напротив, можноста тие во него да бидат означени како такви може да стане дел од градење свест за нивната сензитивност. Се разбира за оние кои ќе се помачат прво да погледнат во речникот па потоа да го употребат.
* Извадок од текстот на „Офф.нет“ со наслов „КАДЕ ТОА ОДАТ ЗБОРОВИТЕ КОИ СЕ ‘ПОВЛЕКУВААТ’ ОД ТОЛКОВНИОТ РЕЧНИК?“. Целиот прочитајте го ТУКА.