И политичарите, и новинарите, треба да дадат посебен акцент со осуда на настаните од 27 април, смета скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Во гостувањето во „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“, Шилегов оцени дека упадот во Собранието на 27 април претставувал газење на волјата на гласачите.
„Ние сме парламентарна демократија, а во неа граѓаните гласаат, избираат пратеници и власта ја добиваат оние кои се во ситуација да имаат парламентарно мнозинство. Ние, сѐ до 27 април, имавме одбивање од ВМРО-ДПМНЕ мирно да ја предаде власта на оние кои победија на изборите и имаа мнозинство. Тоа на 27 април беше газење на волјата на гласачите, не знам која логика имаа тие луѓе тогаш. Ние како здраворазумни мораме да го осудиме таквото постапување, а осудените за нападот да останат таму кај што се“, рече градоначалникот на Скопје.
Тој додаде дека и во нашата држава, како и во многу други, правилата се исти, а примопредавањето на власта е врв на демократијата. Тоа, во 2017 година, не се случи, рече Шилегов, посочувајќи дека сѐ уште не му е јасно која била причината за таквите настани.
Шилегов се осврна и на вклучувањето на децата на осудените во „кампањата“ за поддршка и правда на „уставобранителите“. Како што рече тој, и пратениците, како и осудените, имале деца, а на 27 април тие не знаеле дали нивниот родител ќе им се врати жив дома.
„Јас како човек сакам да го заборавам тој момент, моментот со насилство. Јас сум дел од СДСМ, градоначалник на Скопје и сум можел некако да се одмаздам, но тоа не е поентата, мораме да ги легнеме работите. Тоа што се случи во неделата со протестот нѐ потсети на немилиот настан кога ние пратениците бевме предмет на директен напад. Имаше присебни пратеници и од ВМРО-ДПМНЕ кои застанаа во наша одбрана, но, верувам дека и тие не се чувствуваа пријатно од она што го гледаа. Кога видовме дека толпата влезе во парламентот, беше јасно дека ситуацијата е надвор од контрола или е под контрола од некого кој планирал таква контрола. Како ми било мене? Ќерка ми имаше 14 години тогаш, како ѝ било неа? Но, да не ги злоупотебуваме децата. И јас би го гушнал тоа девојче што жали за таткото што ѝ е во затвор“, рече Шилегов во „Само вистина“.