Основниот кривичен суд во Скопје ја прифати жалбата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и ја преиначи мерката куќен притвор за поранешниот генерален секретар на Владата – Драги Рашковски. Според најавите, Рашковски ќе издржува 30-дневен притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а се очекува таму да пристигне уште денес.
Замена на куќниот притвор со ефективен/затворски, доби и сопственикот на „Инвока гроуп“ – Даниел Станчев.
Информацијата ја потврдија и од Кривичниот суд.
„Заради интерес на медиумите околу предлогот на Јавниот обвинител во однос на ‘истрагата за набавка на софтвер’, ја информираме јавноста дека:
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка од 16.04.2021 година со кои на Д.Р. и Д.С. им се определува мерка куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т.1 и 2. “, се вели во соопштението.
Мерката куќен притвор беше изречена наспроти барањето на Обвинителството за ефективен притвор, кое смета(ше) дека постои можност за бегство (затоа што осомничениот е имотен) и опасност од влијание врз докази и сведоци. Обвинителството веднаш најави жалба на таквата одлука.