Пендаровски ги потпиша законите од петтиот пакет економски мерки, го повика Мицкоски да „бекне“ за промената на границите

Шефот на државата Стево Пендаровски ги потпиша Указите за прогласување на законите од т.н. петти пакет економски мерки, кои денеска Собранието ги изгласа со помош на пратениците од СДСМ, кои, иако позитивни на Ковид-19, со скафандери присуствуваа и гласаа на седницата, што предизвика бурни реакции кај опозицијата.

„На македонската јавност ѝ е добро позната заложбата на претседателот Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата.

Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Во соопштението, тие потенцираат дека претседателот на државата нема надлежност да ја преиспитува уставноста и законитоста во работењето на Собранието. За тоа се одговорни претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите – и Уставниот суд, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Тие одговорија и на прозивката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој побара Пендаровски да не ги потпишува законите кои произлегоа од денешната седница, со што, според него, би покажал дека е достоен за функцијата.

„Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е ‘достоен за функцијата која ја извршува’, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски, ‘не бекнаа’ за овие екстремни и многу опасни предлози“, се вели во соопштението.

Пендаровски, воедно, испрати и апел до сите политички субјекти, да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи.

„Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите, асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија“, порачува Пендаровски.

- Реклама -