„Кога политиката (политиканството) ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во се да ја бара логиката. За некој на кого во светски рамки има добиено досега 11 златни и 2 сребрени медали за своите иновации, е деградирање на интелектуалниот капацитет споредбите кои се прават од страна на одредена јавност. Останува времето да покаже која е вистинската причина за тоа“, му напишал поранешниот генерален секретар на Владата – Драги Рашковски на премиерот Зоран Заев, пред два дена, на 12 април, во писмото во кое му ја соопштува својата оставка.
Писмото Рашковски денеска го објави на својот Фејсбук профил, два дена откако „360 степени“ објави дека вози џип од најмалку 75.000 евра и ден откако „Алсат“ објави дека малолетните деца на Рашковски се инвеститори на хациенда од 800 квадрати во Побожје, на земјиште од 11.000 m² што го купил за речиси 100 илјади евра.
Во писмото, Рашковски посочува дека неговата улога – и со оваа и со претходната функција, била да му даде нова димензија на општествениот живот. Во тој контекст, тој изразува огорченост од односот кон него и неговото решение во поглед на набавката на софтверот за контрола на сообраќајот наменет за МВР, која во моментов е под лупа на Обвинителството и Антикорупциската комисија.
„Иако повлекувањето е поврзано со зачувување на достоинството и интегритетот, сепак не може а да не спомнам тоа што последно се случуваше и ќе остане горчината дека и преку теоретската анализа на 40 страници образложена и преку практичното проверување на истата, сме покажале, докажале и практично потврдиле дека во иднина со решението кое е толку коментирано во јавноста, секој втор живот кој ќе згасне на патиштата може и има како да биде спасен и со тоа да се тргнеме од листата на ниско развиени земји со околу 80 жртви помалку годишно, може да ја искорениме ‘асфалтната чума’ која е главна причина за смрт кај децата, може секој трети повреден да нема никаква болка и на крај најнебитното, да има околу 100 милиони евра годишно помалку материјална штета“, вели Рашковски во писмото.
Во одбрана на софтверот што го набавил Рашковски денеска уште еднаш застана портпаролот на Владата – Душко Арсовски, кој информираше дека премиерот Заев ја прифатил оставката на сега веќе и поранешниот секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата. Тоа е негова лична одлука и има право на тоа, истакна Арсовски.
„Владата во неколку наврати ги охрабри институциите да проверат дали се прекршени какви било пропцедури правила и стандарди. Уште еднаш потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од тој софтвер за сообраќај. Истиот е набавен по сума која е спуштена низ тендерската постапка. Тој софтвер е тестиран, исправен, финкционален и нашите институции ќе го користат, а бенефит ќе имаат граѓаните и нивната безбедност“, рече владиниот портпарол за софтверот, без да прецизира кој и кога ќе го користи.
Сепак, Арсовски повтори дека Владата работи по највисоките стандарди – професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност.
„Ве известуваме дека премиерот Заев ја прифати оставката на Рашковски“, одговори Арсовски, прашан дали Владата, наместо да чека оставка од Рашковски, требало сама да ја побара уште кога беше објавена информацијата за спорната набавка.
Од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК, аka. Антикорупциска), која на 10 март отвори предмет за набавката на софтверот, потенцираат дека оставката на поранешниот генерален секретар на Владата нема да влијае на работата по споменатите предмети. Постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на ДКСК, уверуваат од комисијата.
Од завчера, по објавата дека вози скап џип, Антикорупциска најави и дека ќе се разгледува целокупната финансиска состојба на Рашковски, односно ќе се утврдува дали неговите трошоци се соодветни на неговите примања. Доколку се утврди разлика, во истрагата ќе се вклучат и други институции, како Финансиската полиција, посочија од ДКСК.