Павле Трајанов бара да се формира Агенција за борба против организираниот криминал

Високиот степен на криминализација и партизација ја „јадат“ државата во услови кога не постои заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал, изјавил пратеникот Павле Трајанов на денешната расправа за Националната стратегија за борба против корупцијата.

Како што информираат од Демократски сојуз, нивниот претседател, од тие причини, денеска предложил да се донесе Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој ќе се предвиди формирање на Агенција за борба против организираниот криминал. Оваа агенција би постапувала по барањата на Антикорупциска, би ги координирала активностите на седум институции задолжени за откривање и спречување на организиран криминал, оперативно би ги следела јавните набавки над 500.000 евра, би работела на детектирање на скриениот имот на носители на високи функции стекнат на криминален начин и слично, предлага Трајанов.

Покрај тоа, претседателот на ДС предложил и да нема застареност за кривични дела од тешките облици на криминал извршени од функционери, а во однос на иницијативата за донесување на закон за преиспитување на имотот, предупредил дека истиот не смее да не ја доживее судбината на сличен таков закон донесен пред многу години, при што Трајанов потсетил на синтагмата „Ако имаш куќа, врати го станот“.

Трајанов ја поддржа Стратегијата за борба против курупцијата и работата на ДКСК.

 

- Реклама -