Седат Пекер демантира дека поседува фалсификуван (македонски) пасош со туѓо име а негова фотографија

Седат Пекер не поседува фалсификуван пасош со негова фотографија, а туѓ идентитет, демантираат неговите адвокати Дублин Караџа и Јасмин Калач во соопштение до јавноста, карактеризирајќи ги таквите информации како лажни вести со тенденциозна намера да се наруши неговиот углед, објави „ТВ21“.

„Имајќи во предвид дека пракса на новинарството и новинарската етика, пред да се објави било каква вест, треба да се побара и став и мислење од другата страна, што во конкретниот случај не е запазено, бараме демантот од страна на Реис Седат Пекер за оваа вест која одекна во медиумите за фалсификувана патна исправа со негова фотографија и туѓ идентитет, да се објави во целост на вашиот портал, како што е правило и пракса во објективното новинарство.

Реис Седат Пекер категорично и целосно ги отфрла содржината на насловите и прилозите емитувани на порталите и медиумите како невистинити и тендециозни. Дезинформирањето на јавноста, со свесна намера да се наруши угледот на господинот Седат Пекер се гледа од тоа што прилозите се подготвени надвор од професионалните новинарски стандарди, а пренесените вести се во целост лажни“, се вели во соопштението.

Во истото е наведено и дека Реис Седат Пекер бара јавно извинување за објавените прилози во истите термини и формати (вести) каде се емитувани прилозите за него.

„Објавата на овој демант ќе се смета за јавното извинување прочитано во целост и во форматот во кој е емитувано на сите портали. Во спротивно ќе бидат преземени сите правни механизми вклучувајќи и судска заштита во насока на зачувување на интегритетот, честа и угледот на засегнатите страни“, порачуваат адвокатите на Пекер.

Информација, инаку, ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на документи што ги добила од истрагата во случајот „Двојник“, како што го нарекува МВР.

Денеска и премиерот Зоран Заев беше прашан за обвинувањата од страна на опозицијата за средби на Пекер со лица од СДСМ и коалициските партии.

„Господинот којшто го спомнавте е еден од тие коишто добиле фалсификувани пасоши, истовремено осомничен за одредени дела во Турција. МВР направи негова екстрадиција, односно го избрка како персона нон грата од државата, по други видови на постапки“, рече Заев.

- Реклама -