Сите ние треба да покажеме максимална одговорност и совест за да се заштитиме себе, најблиските и ранливите групи, порача претседателот на државата Стево Пендаровски, кој денеска беше во посета на вакциналниот пункт и Модуларната болница за ковид пациенти во Штип, каде беше информиран за текот на процесот на вакцинација на граѓаните и запознаен со условите на овој вакцинален пункт.
„Она што го баравме и што започна вчера мора да продолжи во континуитет“, потенцираше Пендаровски за вакцинацијата. „Ги повикувам граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, да не се плашат, да не подлегнуваат на лажни вести, да не веруваат во разно-разни измислици. Како и насекаде во светот, масовната имунизација е единствен начин да се справиме со коронавирусот и да ја надминеме пандемијата на Ковид-19“, порача тој.
Што се однесува до вакциналниот пункт во Штип, тој има 4 позиции за вакцинација на кои се имунизираат по 40 граѓани на ден, а е предвидено во оваа фаза да се вакцинираат 400 лица со вакцината на АстраЗенека. Во процесот на вакцинација на граѓаните на овој вакцинален пункт помагаат и волонтерите на Црвен крст од Штип.
За време на посетата на Модуларната болница, Пендаровски оствари средба и со директорот на Клиничката болница во Штип, која има капацитет од 100 кревети и 47 кревети во модуларната болница, додека здравствениот персонал брои околу 200 лица. Претседателот бил информиран за моменталната состојба со заболени во оваа општина, како и за грижата и пружањето на здравствена заштита на граѓаните, при што изразил благодарност за целосната посветеност и максимален ангажман на здравствените работници и им оддал признание за пожртвуваноста и професионалноста, велат од неговиот кабинет.
Во Штип, шефот на државата остварил средба и со надлежните од општинскиот кризен штаб за заштита и спасување, на која се разговарало за мерките за превенција и заштита на здравјето на граѓаните.