По одличната игра за Македонија, Тимо Вернер доби македонска лична карта

Целиот фудбалски свет денеска и синоќа пишува за сензационалната фудбалска победа на Македонија над Германија од 2:1, и тоа на гости. Исто така, целата светска фудбалска јавност се сложува дека тоа можеби и немаше да се случи ако не „блеснеше“ нашиот 12-ти играч, напаѓачот на Челзи од близу 60 милиони евра – Тимо Вернер.

И додека промашувањето во ситуација кога беше соочен единствено со мрежата на Димитриевски, пет минути пред Елмас ладно да ги истушира Германците, на германскиот напаѓач и неговата репрезентација им донесе глобален сеир, македонските навивачи брзо најдоа начин како да се оддолжат. Па така, денеска на Твитер осамна македонска лична карта со ликот и името на Тимо Вернер, и тоа со специфичен матичен број, кој „сосема случајно“ секогаш ќе го потсетува на вчерашниот резултат. Некои дури предложија и Мрме да го земе во репрезентација, но вчерашните слики говорат дека тоа можеби и не е најдобра идеја.

Дури ни германскиот селектор не успеа да најде оправдување за промашувањето на Вернер.

„Едноставно мора да ја смести таа топка во гол, нема никакви дилеми околу тоа. Непотребно е да се поставуваат било какви прашања, во минатото ни има докажано дека може да постигнува голови и треба да продолжиме да веруваме во него. Не ја удри топката како што треба со левата нога, ако имаше чист контакт со стапалото, тоа ќе беше едноставен гол“, изјави Лев.

Германските фудбалски фанови, пак, му го најдоа лекот. Голот да биде широк колку теренот, така Вернер не би можел да промаши, се мајтапат тие.

Да го погледнеме уште еднаш промашувањето на „нашиот“ Тимо.

- Реклама -