Колумна на Горан Михајловски, за „САКАМДАКАЖАМ.мк“
ХВАЛА БУГАРИЈО
Стотици, ако не и илјадници македонски граѓанки и граѓани деновиве ја одбележуваат годишнината од приемот во НАТО во халите на Белградското сајмиште чекајќи да бидат вакцинирани против ковид-19. Заедно со граѓаните на Србија, кои исто така деновиве одбележуваат годишнина од бомбардирањето на НАТО. Ќе биде интересно да се види дали за еден викенд Србија извакцинирала повеќе Македонци, отколку што Македонија ги извакцинирала дома лекарите за месец и пол. И тоа пак – со вакцини подарени од Србија.
Звучи иронично? Звучи грубо? Звучи ужасно? Да. Ама така е. Барем за мене лично, кој длабоко верува во западните вредности, во солидарноста и во принципите што на хартија ги промовира Европската унија, ова е исклучително болно разочарување.
Некако, како да умира европската идеја во Македонија. Зошто? Затоа што по којзнае кој пат Европската унија нè напушти, нè изневери, не ги исполни ветувањата. Едноставно, не се покажа како партнер на кого можеш да сметаш дека ќе ти се најде.
Слушам, многумина ја обвинуваат Владата дека не набавила руски и кинески вакцини уште во септември лани, кога тие ни ги нуделе, а ние сме ги одбиле. Можете ли да замислите што би се случило ако Владата на земјата што е најнова членка на НАТО во време кога чека до крај на годината да ги почне од март ветените преговори за влез во ЕУ би влегла во аранжман со Русија и со Кина? И нормално е за една проевропска НАТО земја да ги одбие понудите на Москва и Пекинг, кога природно очекуваш работата да си ја заврши со Брисел.
Ви текнува кога Венко во Софија се сликаше со Бојко Борисов да моли за 100 вакцини? По европски пат го имаше Заев пратено, ко што е редот.
И што добивме ние за лојалноста кон ЕУ? Вето од Бугарија. Другите малку си потрепкаа и освен Чешка и Словачка, ни збор не кажаа. Си заќутеа и Хрватска и Словенија од кои природно очекувавме поддршка, оти барем тие добро ги знаат состојбите во Македонија. Впрочем, во кои европски вредности да се колнеш во Скопје, кога во Брисел не поминува ниту еден амандман со којшто ќе се осуди бруталното силување што ни го прави Бугарија?
И после ни е криво дека македонските граѓани во Белград по примената вакцина се сликаат пред плакатот на којшто пишува „Хвала Србија“. А ние толку би сакале и копнееме да се сликаме покрај „ЕУ за тебе“.
Од Србија добивме вакцини. А од ЕУ што добивме? Каракачанов го добивме.
За здравје се работи. Кога треба да спасиш живот знаеш колку ми е гајле за геостратешката позиција на државата и што ќе пишува во таму некој извештај на ЕУ? Па сум решил да ме вакцинира „диктаторот“ Вучиќ, кога „демократот“ Борисов не ме признава ни за жив… Целиот текст прочитајте го ТУКА.