По Косово, Груби денес и утре во посета на Албанија, тема ќе биде и пописот

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, денеска и утре ќе престојува во Тирана, на дводневна посета на Албанија.

Како што информираат од неговиот кабинет, Груби ќе оствари средби со државниот врв на Албанија и лидерите на политичките партии, но и со општествени дејци, а теми на разговорите ќе бидат билатералната соработка, европската интеграција, пандемијата, но и процесот на попис во Македонија.

Од неговиот кабинет најавуваат дека Груби, исто така, на тема попис, неделава ќе оствари и посебни средби со претставниците на сите етнички заедници во земјава.

Вчера Груби, на Фејсбук, се пофали дека „нашата дијаспора е најдобра на свет“, посочувајќи дека досега се попишале 99.5 илјади лица од дијаспората, од кои 11.5 илјади само во последните 24 часа. Денеска повторно ја пофали дека е „одлична“, информирајќи дека досега се попишале вкупно 122.500 граѓани, од кои 23 илјади во последните 24 часа.

Прочитајте и:  Реџепи ја оспори Методологијата за пописот пред Уставен суд, незаконска била поделбата на граѓаните на резиденти и нерезиденти

Претходно, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи беше во Шпанија, меѓу другото и за да бара признавање на Косово, Груби беше во посета токму на Косово, каде бараше поддршка за пописот од сите тамошни политички лидери, ден откако Албин Курти со видео обраќање ја повика албанската дијаспора на земјава да се регистрира на пописот. Ваквата постапка на Груби, во која вмешува друга држава во внатрешните процеси во Македонија, наиде на бурни реакции во јавноста и ги разбранува дипломатските кругови, но не и Владата. Од таму не видоа ништо спорно во потегот на првиот вицепремиер.

„Секој повик за поддршка на пописот е плус придонес кон успешноста на оваа статистичка операција. Ги повикуваме сите политички чинители, најгласно што можат, да испратат порака за поддршка на пописот“, рекоа од Владата.

- Реклама -