„Поднесов до Обвинителство барање за покренување на обвинение. Станува збор за општо позната работа во Македонија. Малтретирањата на кандидатите им се прават во делот на полагање на ‘градска’. Мене и инструкторот психички ме спремаше дека од прв или втор пат нема да положам. Значи одиш на испит за да паѓаш“, раскажува Небије Заимовска, правничката која ѝ објави војна на јавно-тајната долгогодишна традиција кандидатите по неколку пати да паѓаат на возачки испит со цел да плаќаат неколкукратно повеќе и попат „да почастат“.
Заимовска прва јавно проговори за „Алсат“, а по неа проговорија (анонимно) и инструктори и сопственици на авто-школите, со директни обвинувања на сметка на Испитниот центар во Скопје и неговиот раководител – Златко Ангеловски.
Како што открива во денешното гостување во „Утрински брифинг“, Заимовска е уверена дека Комисијата намерно ја саботирала при возењето, односно последниот пат кога полагала (петти по ред), почувствувала дека комисијата ѝ притиска кочница на дуплите педали. Според неа, Комисијата е обучена на „специфични“ финти и точно знае каде да ги однесе и како да ги паѓа кандидатите.
Вели дека се обратила и до друга авто-школа, но од таму ја испратиле „да си бара чаре на друго место“. Заимовска вели дека нејзиното ниво на образование и висока свест не ѝ дозволиле тоа да го направи, па затоа јавно се обратила до „Алсат“.
„Има еден член во законот кој вели дека за општо позната работа не треба да се достави доказ. Мислам дека обвинителството само врз основа на искази, изјави од сведоци може да донесе кристално чиста одлука“, уверена е Заимовска. Целиот разговор со неа ТУКА.