Помина и маршот против пресудите во „Монструм“, полицијата видно умерена во текот на целиот протест

Заврши протестот организиран од роднините на осудените во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Се повлече и полицијата, откако се разотидоа и најголемиот дел од најупорните агресивно настроени поединци меѓу демонстрантите, главно млади лица.

Протестот официјално заврши кратко по налетот на неколку лица маскирани со качулки и фантомки кои започнаа да удираат по полицајците/штитовите со тупаници, а поединци од толпата продолжија да фрлаат со разни предмети, вклучително и камења. Но дури и откако организаторите лично прогласија дека протестот е завршен и најголемиот дел од демонстрантите се разотидоа, помала група, составена од оние најагресивните, продолжи да фрла и да ја провоцира полицијата. Неколку минути подоцна полицијата возврати со мини-офанзива и почна да „ја потиснува“ преостанатата толпа, придвижувајќи се десетина метри понапред. Како резултат, само помала (безопасна) група од 30/40-тина претежно млади лица остана да довикува и да се обидува да дофрли со камења до полицијата. Дури и во тие моменти меѓу нив можеа да се забележат неколку од лицата во бели маици, дел од организацијата на протестот, кои и натаму ги смируваа провокаторите, исто како што и претходно во најтензичните моменти тоа го правеа со помош и на другите демонстранти, вклучително и со повици дека „полицијата не е виновна“.

Во текот на целиот протест евидентна беше умерената реакција на полицијата. Дури и кога оваа група демонстранти фрли неколку димни бомби, полицијата наместо „да нападне“, се повлече неколку метри. И последните тензии згаснаа кога двајца „преговарачи“ од преостанатата група пристапија до полицајците и „се договорија“ дека ќе се повлечат ако се повлече и полицијата. Набрзо и новинарите ги изгасија камерите и полицајците започнаа да заминуваат.

- Реклама -