Повремени помали судири на демонстрантите со полицијата, еден полицаец однесен со амбулантно возило

Протестот организиран од роднините на осудените во „Монструм“ е во тек. Во моментов полициски кордони ги попречуваат демонстрантите кај ТЦ „Мавровка“ и не им дозволуваат да продолжат кон Судот.

Протестот засега во најголем дел е мирен, но тензичен. Сепак, не отсуствуваат повремени инциденти и поединци кои на моменти се агресивни и повикуваат толпата да продолжи кон кордонот полиција. Евидентно е присуството на лица во бели маици, дел од организацијата на протестот, кои ги смируваат таквите поединци и толпата при секое зголемување на тензијата. Дел од демонстрантите во првите редови, меѓу нив и постари лица, во еден момент седнаа на земјата, за да ја дефузираат ситуацијата.

Сепак, во неколку наврати поединци од толпата фрлаат секакви предмети кон полицијата. Камерите на присутните медиуми регистрираа еден од полицајците кој падна на земја, додека негови колеги се обидуваа да го кренат на нозе. Неколку минути подоцна пристигна амбулантно возило и полицаецот, без видлива повреда, но во бунило, со помош на колегите, беше испратен до возилото. Изминативе минути поединци со качулки се обидуваат да предизвикаат инцидент и во еден наврат почнаа со тупаници да удираат по штитовите на полицајците, но лицата во бели маици реагираа и повторно ја смирија тензијата. Сепак, повремено сѐ уште се фрлаат предмети кон полицајците. Како што регистрираат камерите, дел од нив се со скршени штитови, додека на земјата се гледаат разни остатоци, вклучително и од транспарентите, кои настрадаа при еден од краткотрајните налети на тензија.

- Реклама -