„Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена“: Судот изрече три доживотни затворски казни за „Монструм“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска беа изречени пресудите во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро, извршено на 12 април, Велигден, во 2012 година, во кое беа егзекутирани момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Судот и прогласи обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаилковиќ за виновни за тероризам и ги осуди на доживотна казна затвор.

Обвинетите Фејзи и Хаки Азири беа прогласени за виновни за две кривични дела за помагање во извршување на кривично дело и беа осудени на казна затвор од 15, односно 9 години, со пресметано време поминато во притвор и затвор.

За Сами Љута, за кого обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови побара ослободителна пресуда, обвинението беше отфрлено.

Во образложението на пресудата, судијата Огнен Ставрев посочи дека во овој случај не се работи за вообичаено кривично дело, туку за многу посериозен чин:

„Често во судската постапка, судиите, обвинителите и адвокатите кои работат на предметите имаат обичај да го употребуваат поимот кривично-правен настан. По мое видување и чувство, овде не се работи за обичен кривично-правен настан. Се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на деца кои одвај станале полнолетни. Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена. Размислувале ли за семејството, за првите љубови? Што сѐ не им прошло низ глава во таа секунда, а тука било и прашањето ‘зошто ние и што лошо сме сториле, а не сме имале ни време да сториме’. Какви се чувствата на родителите, во која психолошка бездна биле тие кога разбрале дека ги нема, како се чувствуваат во долго поминатите денови барајќи правда?”, „праша“ Ставрев.

Во петчлениот Судечки совет кој ја донесе пресудата, покрај Ставрев, беше и Осман Шабани како втор судија, како и тројца поротници.

По изрекувањето на пресудата, обвинителката Фатиме Фетаи  побара на сите осудени да им се изрече мерка притвор поради опасност од бегство, а судот го уважи барањето. Мерката ќе биде во сила сѐ до правосилност на пресудата.

Двајцата првообвинети – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, и натаму се во бегство во Косово, иако македонските власти одамна бараат екстрадиција.

 

- Реклама -