Обвинителството побарало Мијалков да биде притворен во Шутка поради сознанија за можно бегство, од Кривичен велат дека експресно реагирале со куќниот притвор

По завршните зборови на одбраната во „Таргет-Тврдина“ во петокот, а во пресрет на изрекувањето на пресудата следниот петок (26 феврувари), викендов Обвинителството за организиран криминал добило нови сознанија од полицијата дека постои опасност поранешниот директор на УБК да избега, па затоа и побарало Сашо Мијалков да биде притворен во затворот во Шутка, објави „Телма“, повикувајќи се на извори од Обвинителството.

Иако изворите на „Телма“ не откриваат какви сознанија имала полицијата, односно со што тоа Мијалков предизвикал сомнеж за можно бегство, дека такви имало се потврдува и во соопштението на Кривичниот суд, кој „се правда“ дека експресно реагирал, и покрај тоа што наместо притвор во Шутка, на Мијалков му изрече куќен притвор:

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера (21.02.2021) во 15:00 часот до Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОК бр. 47/17 од обвинителството означен како Таргет-тврдина, заради постоење на сомнение за евентуално бегство.

Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот Законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, се вели во соопштението на Кривичен.

Во однос на медиумските прашања, од Кривичен побараа разбирање од новинарите, затоа што во текот на вчерашниот ден, имајќи ја предвид итноста на постапувањето и почитувајќи ги надлежностите на Јавниот обвинител и МВР, не ги коментирале шпекулациите и непотврдените информации во однос на постапката, сѐ со цел да не наштетат на истата.

- Реклама -