Брнз: Преспанскиот договор беше тежок компромис, но важно е да се фокусираме на резултатите од неговото постигнување

„Преспанскиот договор беше компромис. Тоа беше тежок компромис. Знам дека е тешко да се прифати тука и не сакам тоа на ниту еден начин да се омаловажи. Но, ние сметаме дека е важно да се фокусираме на резултатот што се постигна со договорот, пред сѐ решението на спорот со името на државата што ги отвори вратите на Северна Македонија за влез во НАТО и сега се трасира патот за влез во ЕУ. Исто така е важно да се напомоне, а можеби не се обрнува доволно внимание, на зголемената соработка меѓу двете држави, во енергетиката, трговијата, економскиот развој, што има долгорочна полза“, истакна американската амбасадорка Кејт Мери Брнз во „Само интервју“ на „Канал 5“, прашана дали се согласува со дел од граѓаните кои можеби сметаат дека договорот бил превисока цена за нејасната европерспектива во која сега се наоѓаме.

Според неа, таквата оценка е погрешна, затоа што по Преспанскиот договор, земјава и во оваа констелација има јасна иднина:

„Во врска со ЕУ верувам дека имате јасна перспектива. САД се уверени во вашата европска иднина, но и самата ЕУ, а најважно е што народот тука верува во европската иднина. Важно е да се сфати дека, иако неодамнешните настани беа фрустрирачки, разбирливо е што луѓето се лути поради тоа, но тоа е важна цел, не треба да се откажувате. Можеби ова е маратон, но може да се постигне и верувам дека тоа ќе се случи. Во врска со НАТО не можам јас да кажам дали граѓаните да се задоволни со тоа, но откако сте во НАТО вашата држава има резултати. НАТО помогна да се модернизира војската, да се подобри сајбер безбедноста, набави и респиратори за помош во битката против Ковид 19, а НАТО обезбедува колективна безбедност и најважното – денес имате место на масата каде што се носат одлуки, а тоа е најмоќната организација. Затоа мислам дека тоа е од голема полза за земјата“, заклучи амбасадорката.

- Реклама -