Шилегов: Некој менуваше имиња без да ги праша, ние една година ги анкетиравме скопјани за улиците

Сите имиња на улици кои се вртат во јавноста се само предлози и не значи дека сите ќе бидат прифатени, истакна градоначалникот на Скопје – Петре Шилегов, вчера во вестите на „Сител“. Тој потенцира дека една година граѓаните на Скопје се изјаснуваа со предлози за нови имиња.

„Порано се ставаа имиња и што треба и што не треба. Ние сега сакаме да ја исправиме таквата небулоза. Не може улицата Железничка“ да биде Јордан Мијалков“, исто како што „Мексичка“ не може да биде „Петре Пирузе“, што пак не значи дека Петре Пирузе ќе нема своја друга улица во Скопје. Исто е и со „Ленинова“. Едноставно овие неколку улици се скопска традиција, тие улици со децении ги носат своите оригинални имиња. Утре (19 февруари) ќе има седница на комисијата која најверојатно ќе направи прочистување на предлозите. Но, важно е дека сега граѓаните предлагаа имиња, за разлика од пред 10-тина години – кога ВМРО ДПМНЕ ги менуваше имињата не праша никого“, рече Шилегов.

Тој ги демантира и дезинформациите и реакциите на жители од „новите“ улици дека веднаш ќе треба да ги менуваат личните документи. Тоа не е така, појаснува Шилегов.

„Адресите ќе си ги сменат кога ќе вадат нова лична карта, односно откако ќе им истече рокот на важноста. И нема да има санкции за граѓаните кои нема одма да ја сменат адресата“, потенцира скопскиот градоначалник.

- Реклама -