Ѝ украле слика од одмор, ѝ објавиле име, број, „цена“: Жртва на „Јавна соба“ ја сподели својата приказна (ВИДЕО)

Мотивирана од повторното актуелизирање на скандалозната група „Јавна соба“ на платформата „Телеграм“, на која се споделуваат експлицитни, провокативни, но и вообичаени фотографии и видеа од жени и девојки без нивно знаење, 28-годишната Ана од Кавадарци, во видео на Инстаграм, се охрабри и ја раскажа својата приказна и голготата низ која минала како жртва на оваа група.

Нејзиниот пекол започнал кога започнала да добива повици и пораки на телефонот преку речиси сите можни комуникациски платформи, без притоа да има било каква идеја што и зошто тоа се случува. Така било сѐ додека од свои пријатели не добила принтскрин од она што било споделено во групата, а потоа оттаму и на другите социјални мрежи. Како што објаснува Ана, се работи за нејзина фотографија од летен одмор која била украдена од нејзиниот Инстаграм профил и притоа споделена со нејзиното име и презиме, телефонски број и компромитирачки опис очигледно составен од лице што сакало да ѝ наштети или има болна смисла за забава. 28-годишната кавадарчанка дури и го сподели принтскринот, за да покаже до каде знаат да отидат членовите во таа група.

„Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, им кажав дека ги имам со име и презиме луѓето кои ми пишуваа и ѕвонеа“, раскажува Ана, опишувајќи го разочарувањето од одговорот што го добила од полицијата:

„Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав“.

Следниот ден целосно се повлекла, не знаела ниту што да прави, ниту каде да се обрати. Но тоа кратко траело, а Ана решила да продолжи со животот, макар што повици и пораки добива и до ден денес. Иако таа не ја крие својата згрозеност од оние што објавуваат во групата, уште позгрозена е токму од оние кои се јавуваат и праќаат пораки.

„Ова не е ваш срам“, им порачува кавадарчанката на другите жртви како неа, повикувајќи ги да не молчат и да го кренат гласот. „Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на кој намерата му е да се повлечете, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, партнерот, пријатели, на работа, да паднете психички. Немојте да дозволите, главата горе! Не сте вие виновни што користите социјални мрежи, туку оние кои тоа го злоупотребуваат!“, додава таа, советувајќи ги блиските на досегашните и (за жал) идните жртви да внимаваат како ќе ѝ пристапат и со какви прашања на жената во својот живот чија фотографија би се нашла во „компромитирачки“ контекст на ваквите групи по социјалните мрежи. „Денеска сум јас, утре можеби ќе бидеш ти, твојата сестра, девојка, жена, колешка од работа”, потсетува кавадарчанката.

Но  над сѐ, Ана порачува дека ова мора да запре. Токму неказнивоста, тоа што никој ништо не презема и сигурноста дека никој ништо нема да им направи, ги охрабрува таквите ликови да споделуваат туѓи фотографии и да уништуваат туѓи животи, смета таа. Нејзиното обраќање погледнете го во видеото:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 𝔸𝕟𝕟𝕒 (@troublemaker_ak)

- Реклама -