Каде се историчарите и колумнистите да се огласат за „Крвавиот Божиќ“ на титовистите, а не само за делата на „профашистичките сили“? – прашуваат од ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски.
„Овие денови пред 76 години се случија настани кои се спомнуваат под името ‘Крвав Божиќ’, во кои беа стрелани повеќе стотици македонски партизани. Стрелањето беше спроведено и организирано од страна на југословенскиот титоистички систем со помош на македонски извршители.
ВМРО-Народна партија искажува голема загриженост од молкот на сите оние историчари, колумнисти и фејсбук автори кои во последните месеци секојдневно нѐ известуваа за стрелани поединци од страна на про-фашистичките сили“, порачуваат од партијата.
Според нив, молкот за овие масовни убиства само потврдува дека сѐ уште сме многу индоктринирано општество во кое предмет на поделба се дури и жртвите, но и дека како народ не знаеме да се оддолжиме на тие македонски партизани кои идејата за самостојна Македонија сакале да ја остварат во 1945 година.
„Уште еднаш не сакаме да погледнеме дека нашата историја е заробена во југословенската матрица, дотолку што не разбираме дека со самото тоа што молчиме и не ги расветлуваме тие настани, им даваме за право на некои наши соседи истите тие настани да ги присвојуваат“, порачуваат од ВМРО-Народна.