Инспекторатот го казни Груби со 500 евра за роденденот на Ахмети

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, добил прекршочен платен налог од 500 евра, откако Државниот инспекторат за труд утврдил дека го прекршил Законот за заштита на населението од заразни болести со тоа што како одговорно лице ја дозволил прославата без маски, објави „Телма“. Согласно законот, за институцијата нема глоба за прекршоци.

Налогот веќе му е врачен, а Груби има 8 дена да ја плати казната. Според директорката – Јована Тренчевска, ова е единствената постапка што Инспекторатот може да ја преземе, согласно своите надлежности.

Претходно, пак, Груби доби и казна од 20 евра за неносење маска, како што впрочем добија и сите останати кои присуствувале на „изненадувањето“ по повод роденденот на Ахмети, во „нивниот нов дом“ – како што Груби ја нарече новата зграда која ја доби за своето министерство.

До овој момент, и покрај таквите повици, политичка одговорност во форма на евентуална оставка, како што на пример гледаме во земјите од Европската унија и Западот, нема.

 

- Реклама -