Алтернатива: „Божем Албанецот“ од Беса отпушти 21 Албанец, а ниту еден Македонец – јасно е кому му служи и за која агенда одработува

Oд вкупно 31 вработени ангажирани со договор за работни односи во „Македонски железници – транспорт”, избркани се само Албанците, обвинува опозициската партија од албанскиот политички блок – Алтернатива. Тие го обвинуваат директорот Аднан Азизи од Движењето Беса, кого го нарекуваат „божем Албанец“, дека „протерал“ 21 Албанец, а задржал на работа 10 Македонци.

Според Алтернатива, овој факт сам по себе доволно зборува за тоа кому му служи и на која агенда е посветен директорот на МЖ.

„Ние, како политичка партија, сме многу свесни за анти-Албанскиот и одмаздољубивиот потенцијал на овој заробен директор и на партијата која веќе се претопи во СДСМ, но сакаме да ја прашаме владата како може да дозволи во време на пандемија и економска криза, но и во екот на зимата, да отпушта луѓе само зашто се Албанци?“, се вели во соопштението.

Од Алтернатива посочуваат дека додека тие директорувале со претпријатието, бројот на Албанци таму пораснал од 1% (вкупно 11) во 2018 година – на 9% (вкупно 82) во 2020 година. Исто така, велат дека процентот на Албанци на раководните позиции, во моментот кога тие го преземале директорското место, изнесувал 0%, а при нивното заминување – 28% Албанци на раководни позиции.

„Меѓутоа, сè уште има слуги од т.н. албански партии, кои доаѓаат на власт за да им се одмаздат за Албанците и да им служат на Македонците. Вака било од времето на Југославија, со Ранковиќ па сѐ до Груевски, но, за жал, истото продолжува и денес, овој пат дури и со протагонисти кои божем се Албанци”, велат од Алтернатива.

Во соопштението, тие ги повикуваат Албанците кои биле избркани од работа во МЖ да бидат трпеливи, бидејќи нивнотно враќање на работа ќе биде еден од првите чекори што Алтернатива ќе ги спроведе штом ќе се врати на власт. Како што посочуваат од партијата, околностите сугерираат дека тоа ќе се случи многу брзо. Не само што тие ќе бидат вратени на работа, туку и никој друг веќе нема да биде отпуштен затоа што припаѓа на некоја етничка заедница или политичка партија, уверуваат од Алтернатива.

 

- Реклама -