Новото милениче на Никола Груевски

ВМРО-ДПМНЕ загуби на последните вонредни парламентарни избори прилично тесно од СДСМ, со само два пратеници разлика. По изборите, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во повеќе наврати истакна дека доколку се одземат пратениците, односно гласовите на БЕСА, ВМРО би бил победник на овие избори.

Сепак, реалноста е дека СДСМ е формален победник и старо-нов предводник на Владата, со нов четиригодишен мандат, доколку не се случат повторно предвремени избор, а такви најави има, особено по вчерашното интервју на Арбен Таравари од АА, кој повика заедно со локалните догодина, да се одржат и предвремени парламентарни избори.

Опозициските сили во последниов месец се зајакнаа, со договорот на АА и Алтернатива од една страна и ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција од друга, за опозициска и предизборна соработка. Сепак, овие партии одлучија да не учествуваат на предвремените избори за градоначалници во Штип и Пласница, кои ќе се случат следниот месец, оправдувајќи го своето неучество со ковид состојбата.

Во ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по поразот на изборите, почнаа внатрепартиски битки за превласт. Повеќе поранешни функционери на оваа партија, го повикаа лидерот Мицкоски да си поднесе оставка од лидерското место, по поразот на изборите.

Мицкоски ја понуди својата оставка на Централниот комитет на партијата и предложи да се одржи вонреден конгрес на кој тој не би се кандидирал, но ваквата негова иницијатива беше отфрлена и тој доби доверба од највисокото раководство на партијата, да продолжи со својата работа.

Иницијаторите за промени ова го окфалификуваа како дворска игра и продолжија со своите барања за оставка и вонреден конгрес. Едни од најгласните во ваквите барања се поранешниот претседател на УМС на партијата и поранешен пратеник Филип Петровски, Митко Јанчев, Никола Тодоров, Сашо Мијалков и редица други.

Филип Петровски во најава на емисијата „Во Центар“ на новинарот Васко Ефтов, која ќе се емитува утре на истоимениот канал на Јутјуб, со најнови информации од „дворот“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, поранешниот претседател на партијата Никола Груевски, кој е сега во Будимпешта, има нов адут за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа според Петровски е актуелниот потпретседател на партијата, Александар Николоски.

-Според моите информации Александар Николоски е новото милениче на Груевски, за кого велат дека по абдицирањето на Мицкоски, тој треба да биде негов наследник во партијата, со амин на Никола Груевски.

Александар Николоски во моментов прави коалиција со медиуми и влијателни луѓе, кои би му дале поддршка. Тоа Мицкоски го знае и нема да може да избега од тоа, доколку се реализира како што е замислено, да се случи внатре, во рамките на партијата. Мицкоски да си оди, а Николоски да дојде, вели Филип Петровски.

-Мое мислење е дека на власта им одговара едно вакво слабо ВМРО-ДПМНЕ. Тие ги сметаат за нерелевантен субјект. Тие не ги ни прашаа кога да биде датумот за избори во Штип. Уште еднаш ќе повторам, на СДСМ му одговара една ваква опозиција, вели Филип Петровски.

Инаку многу аналитичари по изборите, вината за поразот на ВМРО-ДПМНЕ, ја најдоа не толку во Христијан Мицкоски, кој е релативно нов и неизвалкан политичар, туку токму во неговото опкружување, кое е оставштина од Никола Груевски и тоа пред сè во Александар Николоски и Антонио Милошоски.

Овие двајца финкционери на ВМРО-ДПМНЕ, се речиси целиот свој работен век на разни државни функции, а нивниот рејтинг во јавноста никогаш не бил на завидно ниво.

Веднаш по изборите во јули, во гостување на ТВ емисија, поранешниот член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Даниела Рангелова, се осврна токму на овие две имиња и ги посочи како едни од виновниците за поразот на опозицијата:

-Најголемиот проблем на сите политички партии е што не учат од грешките. Никола Груевски грешеше што не се советуваше со сите нас од Ивршниот комитет, туку со само неколку луѓе околу него.

Сега истите тие луѓе се околу Христијан Мицкоски и ете ги загубија изборите. Без ракавици ќе кажам дека тие двајца луѓе се Александар Николоски и Антонио Милошоски.

Моменталното раководство на партијата ми личи многу на претходното. Ние порано се шегувавме, дека во ВМРО-ДПМНЕ после Груевски е сè исто, само него го нема. Таму се занимаваат само рекла-казала, наместо да се предлагаат проекти.

Јас се извинувам што критикувам, но мора да се слушне и критички глас, бидејќи вака веќе не може. Јас кога ги гледав спотовите во кампањата, се молев следниот ден да нема ист таков спот, рече тогаш Рангелова.

- Реклама -