Караџовски доби награда „13 Ноември“ за заслуги во здравството

Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, по спроведеното тајно гласање, и официјално ги објави добитниците на наградата за 2020 година.

Меѓу добитниците е и епидемиологот д-р Жарко Караџовски – претседател на Комисијата за заразни болести. Тој ја добива наградата во областа на здравствената заштита, а „за заслуги во здравството“.

Покрај Караџовски, добитници на наградата „13 Ноември“ во областа на здравствената заштита се и докторите од тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во Македонија, односно: Проф.д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Зравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот. Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.

Целосната листа на добитници на наградата за 2020-та можете да ја најдете на порталот на Град Скопје (ЛИНК).

 

- Реклама -