Рама: Ќе ја избришеме границата, Драч во Албанија ќе стане косовско пристаниште

Наскоро, албанското пристаниште Драч ќе стане косовско, најави албанскиот премиер Еди Рама на почетокот на заедничката седница на владите на Албанија и Косово која се одржува во Конгресната палата во Тирана, соопштувајќи ги намерите за „отстранување на границите“ меѓу Албанија и Косово, пренесуваат агенциите повикувајќи се на порталот „Репортери“.

„Нашата амбиција е да ја отстраниме границата меѓу Албанија и Косово. Верувам дека е важно министерствата за внатрешни работи на двете земји да ја зајакнат својата работа за да овозможат контрола на граничните премини во реално време, што конечно би ни овозможило да ја отвориме границата без ниту еден сантиметар загуба на борбениот фронт против нелегалните активности и против било кој облик на злоупотреба на слободата на движење“, рече Рама, пренесува „КосовоОнлајн“.

Прочитајте и:  Мицкоски од Приштина: Економската соработка со Косово ќе биде над половина милијарда евра

„Договорот за олеснување на царинските процедури меѓу двете земји, кој наскоро ќе го потпишеме, нѐ води до крајната цел – трансформација на пристаништето Драч во де факто пристаниште на Косово“, истакна Рама.

Според албанските медиуми, делегацијата од Приштина во Тирана била дочекана со највисоки почести, а по состанокот се очекува да бидат потпишани три договори – за царината во Драч, за железничка линија и за хидроелектрана за Косово која ќе биде изградена во Албанија.

- Реклама -