Бектеши: Субвенциите за етнички вработувања се дел од владината програма, ќе направам сѐ да се реализираат

„Не верувам дека во Владата има несогласување за субвенционираните вработувања во приватниот сектор по етничка основ“, рече денеска министерот за економија – Крешник Бектеши, додавајќи дека мерката е предвидена во владината програма која беше усвоена од страна на Собранието.

Како министер за економија, ќе направи максимални напори да се реализира мерката, изјави Бектеши.

„Ние како вршители на функции сме должни мерките предвидени во Програмата на Владата да ги реализираме за време на мандатот за кој нѐ изгласале пратениците“, истакна министерот и најави дека ќе побара од Владата средства за реализација на мерката да бидат предвидени веќе во буџетот за идната година.

Според Бектеши, мерката не е само за Албанци:

„Мерката не е само за еден етникум, туку се однесува за сите приватни компании кои се управувани или се во сопственост на некој од една етничка заедница, а вработуваат лица од другите етнички заедници да бидат субвенционирани од страна на Владата. Не значи дека важи само за Албанци, Турци или Македонци. Значи дека секоја приватна компанија која е основана и раководена од Албанец, ако вработува Македонец, ќе биде поддржана од Владата. И обратно. Тоа ќе биде направено на инклузивен начин за што повеќе да се зближат граѓаните“, рече Бектеши.

- Реклама -