Богојески: Ако Заев вака замислува „едно општество за сите“, тогаш сите треба да сме против таквото општество

Македонија предводена од ваква ‘бинационална’ Влада е на чекор пред воведување на диктатура! Нападната е светоста на приватната сопственост… Пазарна економија или слободен пазар, што беше тоа?!“, реагира Петар Богојески од Македонски концепт по најавата на првиот вицепремиер Артан Груби дека државата ќе ги субвенционира приватните компании кои ќе вработуваат Албанци или припадници на помалите етнички заедници и во кои „ќе биде запазена правичната застапеност“.

Според Богојески, такво нешто би било рамно на апартхејд.

„Крај на филмот! Апартхејд! Ако Зоран Заев вака го замислува тоа ‘Едно општество за сите’, тогаш сите треба да бидеме против таквото општество! Каде исчезна граѓанската држава на сите граѓани?!? Зарем од нашите пари, власта ќе финансира диктатура на етничките партии врз приватниот сектор?!?“, прашува Богојески.

Тој бара итна забрана за етничките партии.

„Кога етничката припадност ќе се стави пред човековиот квалитет и професионални квалификации имаме голем проблем во државата. Исто како кога партискиот интерес се става пред државниот.

Дали Заев и Груби ќе им кажат на гигантите како Џонсон Мети, Маркарт, Кромберг и Шуберт или пак на Мамас, Алкалоид, Даути Комерц, Гемак, Нептун да вработуваат Македонци или Албанци, а не професионалци кои ќе го унапредат нивниот бизнис?? Секој македонски граѓанин треба да има еднаква шанса според квалитативни мерила“, вели Богојески, според кого неговата Македонски концепт е спасот од вакви политичари.

„Нас ни треба Република, каде сите сме еднакви. Ова е контролирана демократија! Колку ви е потребно за да кажете ‘Доста беше’, драги мои македонски граѓани?“, завршу Богојески.

 

- Реклама -