Сензационално откритие на научниците што сугерира дека на Венера има живот!

Група научници од повеќе земји денеска објавија дека дошле до сензационално откритие. Имено во силно кисели облаци на Венера, идентификувале гас наречен фосфин, кој сугерира дека на негостопримливиот сосед на Земјата живеат микроби, пренесува Reuters.

Научниците всушност не откриле постоечки живи форми, но истакнуваат дека на Земјата фосфинот го создаваат бактерии коишто живеат во услови без кислород (анаеробни). Фосфинот на Венера тимот научници првпат го забележале со помош на Џејмс Клерк Максвел телескопот на Хаваи, а потоа го потврдиле и со помош на радио-телескопот ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) во пустината Атакама во Чиле.

„Бев многу изненадена, запрепастена всушност“, вели астрономот Џејн Гривс од Универзитетот во Кардиф, водечки автор на истражувањето објавено во Nature Astronomy.

Постоењето на вонземски живот е едно од највисоките прашања во науката, а научниците неуморно користат сонди и телескопи во потрага токму по „биопотписи“, односно индиректни знаци кои би сугерирале постоење на живот на другите планети и месечини во нашиот соларен систем и пошироко. Фосфинот на Венера, по сѐ изгледа, е токму тоа:

„Според она што досега го знаеме за Венера, најверојатното објаснување за фосфин, колку и да звучи фантастично, е живот“, вели Клара Соуза-Силва – која е молекуларен астрофизичар од Институтот за технологија во Масачусетс (MIT) и коавтор на студијата.

„Морам да потенцирам дека живот, како објаснување за нашето откритие, треба да се смета, како и секогаш, за последна опција. Ова е важно затоа што ако навистина е фосфин, и причинитителот е живот, тоа значи дека не сме сами. Исто така значи и дека животот, како таков, може да е многу честа појава и оттаму би морале да постојат многу други населени планети низ нашата галаксија“, истакна Соуза-Силва.

Фосфинот, инаку, кој претставува фосфорен атом со прикачени три атоми на водород, е многу токсичен за луѓето.

- Реклама -