Марјан Станковски е искусен пчелар, а викендов на кратко бил и оџачар. Сѐ започнало кога добил повик од пријател кој му побарал совет како да отстрани рој пчели кои се населиле во оџакот на новоизградена куќа во населбата Лисиче, а притоа да не ги повреди, раскажува Станковски за „Скопје Инфо“.
Вели дека повикот го изненадил, бидејќи матицата знае да одбере чудни места за ројот – на гранки, камења, меѓу карпи, во пукнатини на ѕидови, под стреи и кровови, но никогаш досега не сретнал случај во кој пчелно семејство се населило во оџак.
Според Станковски, причината веројатно е тоа што се работи за нова куќа и оџакот досега не бил користен, а претпоставува дека матицата се населила пролетва. Како и да е, тој знаел дека ако пчелите останеле тука и преку зимата со сигурност ќе изгинат, па иако тоа било голем предизвик за него, се нафатил да го пресели семејството во пчелин сандак кој сопственикот на куќата веќе го имал подготвено, со надеж матицата да остане здрава и колонијата да го продолжи животот на безбедно.
„Кога отидов на местото навистина се изненадив. Во оџакот имаше огромно ‘гнездо’ пчели. Убаво развиено пчелино семејство кое веќе имаше направено неколку убави парчиња саќе долги по еден метар низ оџакот. Фасцинантно, би рекол. Беа полни со мед и подмладок. Вадењето беше тешко, прецизно и многу внимателно. Со неколку импровизирани алатки, како свиткана метална лопатка и мал продолжен нож, почнав да ги вадам питите со мед, внимавајќи на секоја пчела. Матицата ја откривме дури во третото парче восок, за среќа неповредена. Ја сместив во новото живеалиште – сандакот за пчели кој веќе беше подготвен за неа и нејзините вредни деца“, раскажува Марјан за „Скопје Инфо“.
Како што објаснува, се работело за автохтоната македонска пчела (Apis mellifera macedonica). Среќата, вели, била уште поголема затоа што ова се случувало на роденденот на сопственикот на куќата. За крај, покрај за усреќувањето на едно скопско семејство, Станковски ги пофали пчелите и дека собрале дури околу 10 килограми мед, кои сега се вградени во новиот сандак со цел да бидат безбедни преку зимата.