Обвинение за Силвана Бонева за лажните фискални сметки за патни трошоци, лажела дека остварила 904 патувања

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против експратеничката Силвана Бонева за предметот познат како „Друмарина“, за кој истражната постапка ја водеше СЈО.

Според Обвинителството, Бонева сторила кривично дело „Измама во службата“ од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 став 3 од Кривичниот законик.

Обвинетата во периодот од 01 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари, се вели во соопштението.

Како што додаваат од Обвинителството, од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.​

- Реклама -