Една од наведените мерки во новата владина програма за работа од 2020 до 2024 година е можност за предвремено пензионерање, најмногу пет години пред остварувањето на правото на пензија, но со намален износ, пренесува порталот „Фактор“.
Во програмата, Владата се обврзува и да обезбеди минимална пензија од најмалку 10.700 денари, за сите пензионери. Најавена е можноста за докуп на стаж за добивање пензија.
Покрај ваквиот флексибилен пензиски систем со пропорционално намалување на редовната пензија, во програмата е најавено и зајакнување на улогата на старите лица во локалните заедници и обезбедување услови за вклучување на овие лица во јавниот живот, вклучително и субенциониран меѓуградски превоз:
„Ќе овозможиме волонтирање и работно ангажирање на возрасните лица кои сакаат исполнети денови. Воведуваме програми за поголема мобилност за старите лица преку субвенциониран меѓуградски превоз“, се вели во програмата.
Покрај ова, се најавува и воспоставување на 10 центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица.
Предвидено е и проширување на програмата за бањско-климатска рекреација.