Митрополитот на Повардарската епархија на МПЦ-ОА, владиката Агатангел, преку видео обраќање на Јутјуб, повика на семакедонски собир пред канцеларијата на Европската унија во Скопје. Собирот е најавен за 30 август (недела) во 17 часот и ќе вклучува и поворка од Собранието, а ќе се протестира против омаловажувањето и распарчувањето на макледонскиот национален идентитет и за влез во ЕУ и НАТО со зачувано национално достоинство.
Засега нема официјална потврда или информација кој е организатор на протестот. Според Агатангел, иницијатори се „група млади“ поттикнати од љубовта кон татковината и разочарани од немањето македонска национална политичка партија, кои од него единствено побарале поддршка како црковно лице кое има авторитет меѓу народот. Во изјава за „Нова Македонија“, Агатангел вели дека прифатил, меѓу другото, и затоа што го увериле дека ќе се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.
Ова се тешки денови и моменти кога сѐ што е македонско се распарчува, Македонците се разединети и не можат да формираат една македонска заедница што ќе ги брани и чува сите македонски права и чувства, што ќе ја брани МПЦ, што ќе ја брани својата македонска држава од оние што на секој начин сакаат да ја распродадат, порачува Агатангел во обраќањето. Тој ги повикува „сите што ја љубат оваа света македонска земја“ да не дозволат да ги изневерат своите прадедовци кои ги положиле животите за Македонците да живеат слободно во демократско општество:
„Сите се трудиме да одиме кон Европа, но Европа за нас не треба да биде срам и понижување. Европа треба да биде гордост и така сакаме – со крената глава да влеземе, а не со промена на нашето свето македонско име, непочитување на нашиот македонски идентитет и јазик“, порачува владиката, повикувајќи ги добронамерните Македонци да присуствуваат на протестот и да го покажат незадоволството и немирот во срцето и душата, покажувајќи му на светот дека не се ниту против НАТО, ниту против ЕУ, но сакаат да бидат дел од европската заедница со крената глава и достоинство.
„На овој семакедонски собор групно со песна ќе се појде до македонскиот парламент да се искаже незадоволство прво кон промената на светото македонско име, промената и непризнавањето на македонскиот јазик, непризнавањето на МПЦ, која е столб и тврдина на оваа света македонска држава. На демократски начин да се избориме за нашите права“, вели Агатангел во обраќањето (целото можете да го погледнете во продолжение):