КЗБ предлага задолжителни ПЦР тестови за патниците од Косово што транзитираат низ Македонија

На состанокот на Комисијата за заразни болести одржан утрово одлучено е државјаните на Косово кои транзитираат низ земјава да мораат да прикажат негативен ПЦР тест, информира Министерството за здравство.

ПЦР тестот не треба да е постар од 72 часа.

Предлогот на Комисијата доаѓа откако скринингот на патниците пристигнати во Финска со неколку летови од Скопје, покажа дека голем дел од нив се позитивни на Ковид-19, а како што веќе известија надлежните министерства, најголем дел од патниците патувале со косовски пасош.

Епидемиологот д-р. Сашо Стојанов, член на Комисијата за заразни болести, за „Фактор“ истакнува дека една од причините да бидат предложени задолжителни ПЦР тестови е тоа што патниците од Косово го нарушиле имиџот на Македонија. И покрај тоа што на првиот лет од вкупно 24 позитивни само двајца имале македонско државјанство, она што надвор го гледаат е земјата од која доаѓа авионот, посочува Стојанов, додавајќи дека уште една причина е исклучително лошата епидемиолошката состојба во соседно Косово.

Предлогот од Комисијата ќе биде доставен до Владата, а конечната одлука ќе ја донесе владиниот Кризен штаб.

- Реклама -