Пазарните инспектори упаднале и растуриле свадба во Струга која ја растуриле, а за угостителот во чиј објект се одржала поднеле кривична пријава и парично го казниле. За време на постапувањето, инспекторите биле пцуени и колнети, но не подлегнале на притисокот, открива директорот на инспекцијата, Стојко Пауновски за „А1он“.
За случајот во Струга, Пауновски открива дека угостителот бил и претходно предупреден, а за конкретната свадба се правдал дека не можел да ја откаже поради притисоците на оние кои ја правеле свадбата.
„Имало објаснување од свадбарите дека се дојдени од странство, дека никој не им дал информација дека не смеат да се одржуваат свадби, а тие морале да ја направат веселбата. Газдите на објектот каде се одржала свадбата објасниле дека имале линк во Комисијата за заразни болести од каде им рекле дека после Илинден ќе можат да се одржуваат свадби и така си испланирале. Но, ѓаволот ни ора, ни копа. Сите ги откажале, освен оваа“, вели првиот човек на инспекторатот за „А1он“.
Според Пауновски, инспекторите често се соочуваат со закани и притисоци, но немаат проблеми со обичните луѓе. Притисоците најчесто доаѓаат од полицајци, началници, директори и други државни функционери кои имаат удел во објектите во кои се констатирани неправилности, вели тој (повеќе ТУКА).
Сепак, Пауновски уверува дека инспекторите не се плашат и ќе продолжат да постапуваат неселективно.