Експлозијата во Бејрут е „несомнено една од најсилните ненуклеарни експлозии во историјата“

Разорната експлозија во пристаништето на Бејрут, која според официјалните бројки уби најмалку 135 луѓе и повреди околу 5.000, е „без двоумење“, една од најголемите ненуклеарни експлозии во историјата, тврдат експертите од The Blast & Impact Dynamics Research Group од Универзитетот во Шефилд.

Тимот научници, кој инаку ги проучува механизмите и магнитудите на шоковите бранови од силни експлозивни детонации и нивниот ефект врз структурите, ја искалкулирал моќта на експлозијата врз основа на видеата и фотографиите снимени од жителите на Бејрут, што се проширија на социјалните мрежи низ целиот свет.

Според нив, експлозијата била еквивалентна на 1.000 до 1.500 тони ТНТ (Тринитротолуол). Ваквиот интензитет претставува околу една-десетина од интензитетот на нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима, но претставува далеку посилна експлозија од било кое друго конвенционално оружје.

Професор Енди Тијас, кој е инженер за заштита од експлозии, објаснува:

„Постојат основни правила ‘од око’ кои се однесуваат на максималната експанзија на огнената топка во однос на големината на оригиналното експлозивно полнење. Според некои груби проценки од онлајн снимките, сметаме дека експлозијата е еквивалент на околу 1.000 до 1.500 тони ТНТ.

Исто така, анализиравме видео снимки од временската разлика меѓу детонацијата и моментот на пристигнување на шоковиот бран на неколку точки оддалечени стотици метри од експлозијата и проценките и во овој аспект ја потврдуваат нашата теза за големината на експлозивното полнење.

Ако проценките се точни, тоа значи дека оваа експлозија имала можеби 10% од интензитетот на бомбата во Хирошима, но која и да е прецизната големина на експлозивното полнење, ова е неспорно една од најголемите не-нуклеарни експлозии во историјата, далеку поголема од било кое конвенционално оружје“.

Тијас потенцира дека ефектит од ваков настан се катастрофални како по луѓето, така и по инфраструктурата, економијата, но и животната средина.

Професорот додава и дека ако проценката од 1.000 до 1.500 тони е точна, тогаш се совпаѓа со информациите дека експлозијата била предизвикана од пожар што довел до детонацијата на 2.750 тони амониум нитрат, кој се користи за ѓубриво:

„Индустриските несреќи од овој размер, предизвикани од детонација на амониум нитрат, се имаат случено и порано, пред сѐ мислам на пристаништето во Тексас Сити, каде детонацијата на 2.300 тони амониум нитрат предизвика штета од сличен размер со она што го видовме вчера“.

И додека шоковиот бран од детонација од овој интензитет предизвикува смртоносни повреди и значителна штета на незаштитените згради во радиус од неколку стотици метри, најголемата опасност во урбаните експлозии доаѓа од разлетаното стакло, додава Тијас. Експлозија од ваква магнитуда има голема веројатност да предизвика сериозни оштетувања на стакло, и повреди како резултат на тоа – во радиус далеку над 1 километар, вели професорот.

- Реклама -