Пратката од азот нитрат што го разнесе Бејрут

Веројатната причина за вчерашните страотни детонации во Бејрут, се чини, е високо реактивна хемикалија – амониум нитрат, пишува „Гардијан“.

Либанскиот премиер. Хасан Диаб, рече дека експлодирале 2.700 тона амониум нитрат кои необезбедени биле складирени во пристаништето цели шест години. Неговата изјава се совпаѓа со написите во медиумите во тој период, кои известувале дека карго брод кој носел слична количина од хемикалијата го истоварил својот товар во пристаништето во 2013 година. Засега сѐ уште е нејасна причината што довела до запалување на хемикалијата, пишува весникот.

Амониум нитрат е честа индустриска хемикалија што се користи главно во ѓубрива, бидејќи е добар извор на азот за растенијата. Но, исто така, е една од главните компоненти во експлозивите за минирање.

Соединението не е експлозив само по себе, но е оксидант и привлекува кислород кон огнот – со тоа правејќи го многу поинтензивен, објаснува Габриел да Силва – професор по хемиско инженерство на Универзитетот во Мелбурн. Сепак, според него, амониум нитратот се пали само во карактеристични околности кои тешко се постигнуваат:

„Потребни ви се екстремни услови за да предизвикате експлозија“, вели тој.

И додека амониум нитрат може всушност и да изгаси оган, ако хемикалијата сама по себе е контаминирана, на пример со нафта, станува високоексплозивна. Силва смета дека токму тоа се случило во Бејрут.

Тој предупредува дека иако хемикалиите би требало брзо да се разредат во воздухот, евентуални присутни полутанти можат да предизвикаат одложени проблеми, на пример во форма на кисел дожд.

„Ако го погледнете чадот што произлезе од експлозијата,  внимавајте на оваа крваво-црвена боја. Таа е поради азотните оксиди и полутанти во него“, вели професорот.

ВЛАСТИТЕ БИЛЕ ПРЕДУПРЕДУВАНИ

Како што пишува „ОФф.нет“, пратката амониум-нитрат пристигнала во Либан во септември 2013, на руски брод кој плови под молдавско знаме. Бродот пловел од Грузија кон Мозамбик, и наводно би присилен да се закотви во Бејрут заради технички проблеми, меѓутоа, по ова либанските власти го спречиле тој повторно да исплови и со тек на време бродот бил напуштен од екипажот и сопствениците.

По ова опасниот товар на бродот бил истоварен и префрлен во хангарот 12 на пристаништето во Бејрут. Неколку месеци подоцна, на 27 јуни 2014, тогашниот директор на либанската царина – Шафик Мери, испратил писмо адресирано до неименуван „судија за итни постапки“, во кое барал решение за складираната пратка во пристаништето. Одговор не добил… (прочитајте ТУКА).

Дека не се постапувало соодветно, говори и реакцијата на премиерот на Либан – Хасан Диаб. „Ви ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност… Одговорните ќе ја платат цената“, порача Диаб, додавајќи дека ќе бидат објавени целосните факти за овој опасен магацин, но дека не сака да зборува однапред за истрагата.

ЕКСПЛОЗИИ ВО КИНА

Како што пишува „Гардијан“, сликите од Бејрут ужасно потсетуваат на сликите по експлозиите во кинескиот пристанишен град Тијанџин во 2015 година, кога катастрофалните детонации во складиштето убија повеќе од 170 луѓе и оставија стотици повредени.

Имено, вечерта на 12 август таа година, серија детонации се случија во хангарите каде беа складирани (во некои случаи и нелегално) големи количини опасни хемикалии, меѓу кои и содиум цијанид и потасиум нитрат. Пожарот ги зафати и блиските складишта со амониум нитрат и доведе до голема експлозија.

Пожарникарите кои интервенираа, наводно, првично се обиделе да го изгасат инцијалниот пожар со вода и со тоа ненамерно сериозно ја влошиле ситуацијата, поради присуството на многу опасни запаливи хемикалии. Најголем дел од загинатите беа токму пожарникари.

Едно е сигурно, и тогаш во Тијанџин и сега во Бејрут сцените се застрашувачки и апокалиптични, дури и надреални, а како што рече гувернерот на Бејрут низ солзи, ни самиот не знае како градот ќе се опорави од ова.

 

- Реклама -