Експлозиите во Бејрут биле силно почувствувани и на Кипар: „Мислев дека падна нешто врз зградата“

Катастрофалните и застрашувачки експлозии што се случија во Либан, биле почувствувани дури и на Кипар. Претседателот Никос Анастасијадес изрази сочувство за Либан и потврди дека многумина негови сограѓани ги почувствувале ударите.

Експлозиите се случија во пристаништето на Бејрут, каде имало магацини со експлозиви, соопшти државната либанска новинска агенција NNA и двајца безбедносни извори. Трет извор, исто така од областа на безбедноста, тврди дека имало и хемикалии складирани во областа.

Според сведоштвата, експлозиите биле почувствувани и во внатрешноста на островот, кој е оддалечен околу 264 километри од Бејрут, во главниот град на Кипар – Никозија.

Жена по име Стела раскажува: „Мислев дека некој се обидува да ми влезе во куќата. Стрчав доле по скалите за да видам што се случи“.

Маж во областа Енгоми вели дека шоковиот бран ја стресол вратата од неговата куќа.

32-годишниот Ќан, кој живее во Фамагуста, вели дека ја почувствувал експлозијата кога одел кон колата за да посети пријател:

„Слушнав силен бум. Децата во паркот во близина на мојата куќа беа збунети. Не беше страшно, но чудно“.

Уште еден жител на Никозија, Ставрос, тврди дека мислел дека нешто паднало врз зградата каде работи.

Други Кипрани, пак, мислеле и на социјалните мрежи напишале дека почувствувале силен гром.

- Реклама -