Директорот на скопката Зоолошка градина – Ѓорѓи Галетановски, попладнево бил приведен во Секторот за економски криминал, објави „А1он“. Галетановски околу еден час давал исказ во полиција, по што бил пуштен.
Причина за неговото приведување, откако бил пријавен од анонимно лице, била „шеговита“ објава на неговиот Фејсбук профил, која е замислена со цел да ги заблуди гласачите на една од партиите учесници на изборите, со тоа што им се советува да ја прешкртаат придавката „Северна“ на гласачкото ливче (за да биде неважечко).
Од МВР, за „Прес 24“, ја потврдуваат информацијата. Оттаму велат дека установиле објави со недолична содржина, односно објави кои што содржеле елементи на основи на сомнение за сторено кривично дело (не класифицирано) кое што се гони по службена должност. Од страна на Единицата за Економски и компјутерски Криминал преземени се соодветни мерки и активности, при што направен е увид во ФБ профилите на лицата кои што ги ширеле таквите објави и за таа цел повикано е на разговор лицето Ѓ.Г. кој што од неговиот личен ФБ профил шерувал објава која му била споделена од страна на друг ФБ пријател, велат од полицијата.