Млад Американец, приврзаник на теориите на заговор околу Ковид-19, му подлегнал на вирусот откако присуствувал на корона-забава со цел намерно да се зарази и да докаже дека SARS-CoV-2 е измама.
Пациентот, чие име не е објавено, бил од Сан Антонио, Тексас, на околу 30-годишна возраст. Со позитивен ковид тест тој бил донесен во болницата Methodist Healthcare, каде и починал.
Според Џејн Еплби – главен доктор на болницата, пациентот пред својата смрт ѝ раскажал на медицинската сестра што го лекувала дека му ѝ жал и дека погрешил, бидејќи мислел дека вирусот е измама, но не е, пренесува „Insider“.
Еплби тврди дека медицинскиот персонал бил шокиран кога пациентот им раскажал дека бил на забава со некој кој бил заразен од коронавирусот, а со цел да ги побие предупредувањата на експертите за опасноста од него.
„Тоа била забава организирана со цел да се види дали вирусот е вистина, врз основа на тоа дали останатите ќе се заразат од лицето кое има коронавирус“, вели Еплби. Таа испраќа порака дека коронавирусот не дискриминира и никој од нас не е непобедлив:
„Не сакам да кревам паника, само се обидувам да споделам примери од реалниот свет, за да ѝ помогнеме на нашата заедница да сфати дека овој вирус е многу сериозен и дека може лесно да се шири“.
Од средината на јуни во Тексас е забележан голем пораст на бројот на заразени. Досега се забележани повеќе од 250 илјади дијагностицирани и преку 3.100 смртни случаи. Гувернерот Грег Абот издаде наредба граѓаните да носат маска во јавност.
Дека во САД навистина се организираат ковид забави, пишувавме и пред околу една недела, кога американските медиуми известија дека млади луѓе во Алабама, САД, главно студенти, приредувале бизарни забави на кои се канат луѓе што го имаат коронавирусот, а останатите се обидуваат намерно да се заразат. Откриено беше дека се организирале неколку такви забави во Тускалуса, на кои гостите плаќаат за да присуствуваат, а првиот што ќе се зарази ги добива парите од „влезниците“.