Околу 400.000 нови случаи на Ковид-19 биле пријавени во текот на викендот, а пандемијата не покажува знаци на забавување, велат денеска од Светската здравствена организација (СЗО).
„Епидемијата забрзува и ние сѐ уште, јасно е, не сме го достигнале пикот на пандемијата во светски рамки“, рече директорот на СЗО – Тедрос Адханом Гебрејесус на виртуелната прес-конференција од седиштето во Женева.
„Повеќе од шест месеци од почетокот, потребата од национално единство и глобална солидарност е непореклива. Не можеме да си дозволиме било какви поделби“, истакна тој.
„Досега имаме 11.4 милиони случаи на Ковид-19 и повеќе од 535.000 загубени животи. Додека бројот на смртни случаи изгледа дека се израмни во глобални рамки, во реалноста некои земји постигнаа значителен прогрес во намалување на бројот на смртни случаи, додека во други земји смртните случаи сѐ уште се во пораст“, додаде генералниот директор на СЗО.
Д-р Мајк Рајан, извршен директор на програмата за итни ситуации на СЗО, пак, истакна дека постојат повеќе можни причини за намалувањето на смртните случаи во светски рамки, но една од нив, потенцираше, може да е доцнење (lag), односно дека може да посведочиме повторен пораст на починати. Притоа, Рајан предупреди дека она што најмногу загрижува е дневниот пораст на случаи:
„Тоа не е резултат единствено на пообемно тестирање“, заклучи.
НОВИ ДОКАЗИ ЗА ТРАНСМИСИЈА НА ВИРУСОТ ПРЕКУ ВОЗДУХ
СЗО денеска, исто така, потврди и дека има „нови докази“ за пренесување на вирусот преку воздух, односно преку аеросоли, од што произлегува дека може да се пренесува и подалеку од 2 метри.
„Потврдуваме дека има нови докази на ова поле… Затоа сметаме дека мораме да сме отворени кон овие докази и да ги разбереме импликациите што произлегуваат“, рече професорката Бенедета Алегранзи – технички директор на СЗО за превенција и контрола на зараза.
Нејзината изјава е резултат на отвореното писмо до СЗО, насловено „Време е да ја адресираме воздушната трансмисија на Ковид-19“, испратено од страна на 239 научници од 32 земји, кои побараа организацијата да ги ажурира своите препораки во врска со овој начин на пренесување. Дека се разговарало на темата потврди и Марија Ван Керхов, технички директор на одговорот на СЗО кон пандемијата.
СЗО претходно беше на ставот дека Ковид-19 се шири примарно преку малите капки (каплично) што се исфрлаат низ носот и устата кога заразено лице кива, кашла или зборува, а кои брзо паѓаат на земјата – оттаму и препораката дека безбедно растојание е 1.5 до 2 метри. Во писмото на 239-те научници, меѓутоа, се наведуваат докази, како што тврдат, дека заразата се шири и преку ситните вирусните честици кои остануваат во воздухот (аеросоли) и ќе ги вдишат луѓе, што особено се однесува на затворени и преполни простори со лоша вентилација на воздухот.
Алегранзи истакна дека сепак доказите сѐ уште не се дефинитивни:
„Можноста за трансмисија преку воздух во јавни простори, особено во многу карактеристични услови, преполнети, затворени и лошо вентилирани услови, која е опишана, не може да биде отфрлена, меѓутоа, доказите треба да бидат собрани и интерпретирани, а ние продолжуваме да го поддржуваме тоа“.
Промена на ставот на СЗО околу ризикот од ваквиот начин на пренесување би се одразила и на препораките. Владите кои се потпираат на насоките од организацијата исто така би морале да ги прилагодат мерките согласно таквите сознанија.
Како што најави Ван Керхов, СЗО изработува и во следниве денови ќе објави научен документ во кој ќе бидат сумирани сознанијата за начините на пренесување на вирусот. Во меѓувреме СЗО останува на ставот дека треба да се одржува дистанца, да се мијат раце и да се носат маски.