Разрешената директорка на Кожната клиника во Скопје која по враќањето од Италија на почетокот на пандемијата, иако имаше симптоми, наместо во самоизолација одеше на работа и зарази 7 свои колеги – Нина Цаца Биљановска, се вратила на работното место, објави „ТВ24“ откако информацијата ја потврдиле и од клиниката.
Биљановска беше разрешена на 10 март, а заработи и кривична пријава од полицијата. На 29 мај, Обвинителството предложи да биде казнета со 40 дневни глоби по 250 евра, односно вкупно 10.000 евра.
Како што објаснуваат од „ТВ24“, Лекарската комора сѐ уште ја чека правосилната пресуда за да одлучи дали ќе ѝ биде одземена лиценцата за работа, а дотогаш Биљановска ќе продолжи со работа во клиниката.
Случајот на Биљановска се „прослави“ по силните притисоци од страна на нејзините колегите и медиумите, а потоа и самата заврши како пациент на Инфективната клиника во Скопје. Првично, Биљановска во самоизолација испрати 167 доктори, 24 пациенти и двајца членови на нејзиното семејство.