Д-р Катица Марангозова е инфектолог и со самото тоа неизбежно вклучена во борбата против Ковид-19. Има 57 години, а со инфективни болести се бори веќе 14 години. Последните три месеци животот ѝ е преселен во две болници – во Струмица и во Штип.
Во телефонски разговор за „МКД.мк“, Марангозова открива како изгледа кога по 24 часа дежурство во едната, работата ја продолжува за нови 24 часа во друга болница. Освен тоа, работи и со пациентите на домашно лекување, но и во двете амбуланти.
„Мора постојано да ги надгледувате пациентите. Имам дежурство по 24 часа во Штип, па потоа одам повторно 24 часа во Струмица. По два дена работење имам еден слободен ден“, вели таа.
Тешко е носењето на целосна заштитна опрема и правилното ракување со неа, потврдува, особено со оглед на температурите, но најтешко е кога пациент ќе почине. Токму поради тоа, слободниот ден не значи и дека е слободна од грижа за пациентите, ниту е гаранција дека ќе се наспие:
„Кога по две споени дежурства ќе си дојдам дома, тешко е дури човек и да заспие. Преморен си и постојано пред очи ти се сликите од болница“, опишува Марангозова, додавајќи дека кога е во едната болница ги мисли пациентите од другата болница, но кога е дома, ги мисли и едните и другите. И така сѐ додека не оздрават.
За неа нема страв, нема плачење и нема бегање, бидејќи како што вели – свесна била каква професија одбира. Затоа, за да можете да го доловите нејзиното секојдневие во оваа пандемија, топло препорачуваме да го прочитате целиот разговор со многу повеќе детали, ТУКА.