Апелација ја укина ослободителната пресуда за Латас и неговите браќа за куќите во Зелениково

Апелацискиот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за новинарот и уредник Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ во предметот „Тревник“ на СЈЗО за бесправно градење на три викенд куќи во Зелениково, кој го застапуваше обвинителката Елизабета Јосифовска. Укинувањето на пресудата е по жалба на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, поради суштинска повреда на постапката и поради нецелосно утврдена фактичка состојба, поради што предметот е вратен на повторно судење во Кривичниот суд и по правило би требало одново да го почне истиот судија, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Според обвинението, Латас и неговите браќа куќите почнале да ги градат во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година. Судијката Марија Клетничка-Марковска, која ја донесе првостепената ослободителна пресуда на 4 јули 2019 година, заедно со судечкиот совет тогаш констатираше дека она што браќата Павловиќ го сториле не е кривично дело, со образложение дека во пракса, кога постои дивоградба и во текот на кривичната постапка таа е легализирана, обвинението се повлекува. Притоа, судијката потенцираше дека ниту некој пријавил дивоградба, ниту градежните инспектори реагирале, ниту одобрението за градење некој го оспорил.

 

Како што пишува „САКАМДАКАЖАМ“, таквата пресуда тогаш „ги скара“ републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев, Јовески. Јовески изјави дека на судиите со такви толкувања на одредбите не им е место во правосудството, образложувајќи дека во судската пракса доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба. Џолев, пак, му врати да си го гледа сопствениот двор (прочитајте ТУКА).

Инаку, новинарот Латас е опфатен и во уште еден случај на СЈО – предметот „Топлик“, кој се однесува на даночно затајување, за кој сѐ уште нема пресуда.

 

 

- Реклама -