Филипче смирува: Отворањето на границите нема значително да го зголеми бројот на заразени

Отворањето на границите и аеродромите за слободен проток на патници – без ПЦР тест за коронавирус и задолжителна самоизолација – нема значително да го зголеми ризикот за пораст на бројот на новозаразени во земјава, изјави министерот за здравство Венко Филипче при неговата денешна посета на Клиничката болница и Центарот за јавно здравје во Битола, каде профункционира лабораторијата која сега ќе прави анализи и за Ковид-19.

Според Филипче, најголемиот ризик сепак е локалната трансмисија, додека воспоставената контрола на аеродромите и анкетирањето на патниците при влез во државата – во комбинација со почитување на мерките, нема да придонесе за некакво позначајно ширење на вирусот во Македонија:

„Како што е познато, на почетокот на кризата имавме случаи кои дојдоа од странство, но тие беа ризик за мал број контакти во нивната непосредна околина. Доколку се почитуваат превентивните мерки, тогаш овој ризик практично се сведува на минимум. Не може ниту една држава од светот да живее сама во себе затворена со затворени граници. Отворањето на границите со контролата што ја имаме, односно термалните камери на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, сметам дека нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти“, истакна министерот.

 

- Реклама -