Филипче: Листата објавена од МВР не се однесува на лицата што треба да се во самоизолација, ќе почекаме уште ден или два

Листата со имиња што ја објави МВР не се однесува на лицата кои не ги примиле решенијата за самоизолација, туку се однесува на лица на кои не можеле да им бидат доставени решенија за други прекршоци, појасни денеска министерот Венко Филипче на прес-конференцијата.

Што се однесува до решенијата за самоизолација, големиот број што биле вратени од МВР Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги реиспратил по пошта и за дел од нив сѐ уште се чекаат испратниците, рече Филипче. Како што истакна, од 400 испратени решенија, за околу 30 пристигнала информација дека не се доставени, додека за останатите – дека се доставени. Ќе се почека уште ден или два, и порај најавите, рече тој, бидејќи согласно Законот за општа управна постапка морало да се исцрпи и оваа можност.

„После интензивна комуникација на ДСЗИ и Агенцијата за заштита на личните податоци, и за тој број на луѓе/решенија за кои нема да може ниту по пошта да се достават, ќе бидат објавени јавно“, рече Филипче, додавајќи дека листата објавена од МВР не е дел од овој случај.

Според директорката на ДСЗИ – Ирина Сотирова Бухова, пак,  нема подобрување во однос на примање на решенијата, и покрај тоа што изминативе три дена голем број граѓани преку телефон и електронска пошта се обидуваат да ги контактираат инспекторите бидејќи од разни причини не ги добиле решенијата.

За „Телма“, таа со жалење констатира дека вчера и завчера бројот на решенија на контакти за заболени е поголем. Само во последните 24 часа се издадени 566 решенија за изолација, од кои 205 само во Скопје.

И таа потврдува дека интензивно се бара решение за проблемот со недоставените решенија и уверува дека правната процедура ќе биде целосно запазена, во усогласеност со Управен инспекторат и Комисијата за заштита на лични податоци. Бројот на имињата кои јавно ќе бидат објавени ќе се знае утре, кога ќе се види колку од решенијата ќе бидат вратени со повратница од пошта зашто не доставени (поради погрешна адреса) или не биле врачени.

- Реклама -