Како одговорно лице на СЈО, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска околу 10:30 часот, по наредба на Скопскиот Кривичен Суд, од куќен притвор била спроведена да присуствува на состанок во Државниот завод за ревизија, каде била повикана за ревизорите да ѝ ги презентираат наодите од ревизијата за финансиското работење на СЈО.
Како што објавија повеќе медиуми, на состанокот, на кој присуствувале повеќе лица, а присутен бил и обвинител од Обвинителството за организиран криминал каде се води предистрага за високите бонусите на СЈО, Јанева приредила инцидент.
Според „Телма“, Јанева им се пожалила на полицајците дека ѝ е доста од сѐ и почнала да се соблекува, останувајќи по долна облека. Поради непримерното шоу, била повикана итна помош и на Јанева ѝ е дадена инекција за смирување, по што била префрлена во станот каде ја издржува мерката домашен притвор.
Од ДЗР, за „Фокус“, потврдуваат дека Јанева утринава била на состанок.
„Република“ дојде и до записникот направен за инцидентот:
„На 03.06.2020 година во 10.30 часот лицето К. Ј. со престојувалиште на ул.Иво Лола Рибар од Основен Кривичен Суд – Скопје била спроведена од нејзиниот дом до Државен Завод за Ревизија , во Палата Емануел Чучков. Веднаш откако започнал официјалниот работен состанок со претставници на ДЗР во сала бр.03 горенаведената по чл.4 од ЗППЈРМ го наруши јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување на јавно место на тој начин што во еден момент ја соблекла својата облека и останала да присуствува во салата по долна облека во присуство на повеќе лица и истата одбила да даде било каква изјава во врска со настанот. Од страна на Т-420 сочинет записник за констатиран прекршок по чл. 4 ЗППЈРМ кој одбила да го потпише и прими“, се вели во него.
Како што додава „Алфа“, прекршувањето на членот 4 од Законот за прекршоци на јавниот ред и мир (ЗППЈРМ), Јанева ќе ја чини од 100 до 400 евра.